Бектеши: Ќе продолжат замрзнатите цени на основните прехранбени продукти

„Веќе се при крај сите анализи што ги врши Секторот за трговија во склоп на Министерството за економија во соработка со другите економски ресори во Владата за евентуално продолжување на мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти што важат до крајот на месецов“. Ова е пораката што денеска ја упати министерот за економија – Крешник Бектеши.

Со одлука на Владата од 5. декември минатата година замрзнати се цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата и тестенинините со цените што ги имале на 1. декември 2021 година.

„Оваа и наредната недела ќе имаме директни средби со сите засегнати страни, посебно со производителите и трговците со прехранбените производи кои се наведени во одлуката за замрзнување за да најдеме начин да нема зголемување на цените. Најверојатно ќе се оди со дефинирање на одредени маржи во трговијата на мало и на големо. Во делот на производите што ги произведуваме дома ќе може да се интервенира со замрзнување на цените, но забележавме дека генерално има поголемо зголемување на цените на тие производи кои се увезуваат во нашата држава и затоа најверојатно ќе се оди со опцијата на ограничување на трговската маржа“ – потенцираше Бектеши.

Нагласи дека сме можеби единствената држава, посебно во регионот, која во време на пандемијата донесе вакви одлуки за замрзнување на цените, а сега и повторуваме одредени одлуки. Ова наше искуство, потенцира, го преземаат и други држави од регионот.

„Ако се вратиме назад во времето кога беше објавено дека целосно ќе има затворање на одредени сектори ние такви одлуки носевме како Влада, дополнително имавме и други начини и можности како да им помогнеме на граѓаните со цел да ја подигнеме потрошувачката и да влијаеме на намалување на нивните трошоци и да не влијаеме негативно на животниот стандард. Веќе од декември се применува мерката за замрзнување на цените и е во сила до крајот на февруари. Во текот на оваа недела со економските ресори и со сите чинители, посебно во делот на производителите на овие основни производи, ќе имаме дискусии и најверојатно согласно првичните информации кои ги има Секторот за трговија ќе одиме со опцијата на одредување на маржи, имајќи во предвид дека согласно нашите анализи на таков начин нема да има ценовни шокови за основните прехранбени производи“ – прецизираше Бектеши.