Битиќи: И за минималната плата и за пензиите не треба да се прави ребаланс

„Нема потреба од ребаланс за најавените зголемувања на минималната плата и пензиите бидејќи за тоа се обезбедени средства“ – изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

„И за минималната плата и за пензиите не треба да се прави ребаланс. Тие се веќе испланирани во Буџетот. За пензиите, Фондот на ПИОМ има обезбедено средства за еветуално зголемување. Не треба да се грижиме дека ќе земеме од некаде за да им дадеме на пензионерите. Пензионерите се осигурени со тоа што имаат доста средства во Фондот на ПИОМ“ – рече Битиќи.

До крајот на неделата се очекува да започнат разговорите со сите засегнати страни за зголемување на пензиите, а вицепремиерот Битиќи вели дека ќе го применат истиот принцип на преговори како и за минималната плата, односно ќе разговараат со сите страни со цел да се изнајде решение кое ќе биде прифатливо за сите.

„Деновиве се координираме за да започнеме дијалог со сите чинители кои се засегнати од пензиите и најверојатно при крајот на неделата ќе го имаме првиот состанок на кој ќе се зборува дали ќе се оди со менување на методологијата или еднократна помош која би требало да дојде до најралнивите категории. Она што можам да го кажам е дека исходот ќе биде задоволителен за сите страни вклучени во дијалогот“ – рече Битиќи.