Ахмети(зација), Груби(зација) ДУИ(зација)

Драмата во ДУИ излегува од рамките на локалните внатрепартиски прегрупирања. Тоа најмногу му одговара на лидерот на интегративците.

Битката за негов наследник засега ќе се одвива во рамките на контролираниот хаос со фракционерството што најмногу му одговара на Али Ахмети.

Изјавите дека без Албанците нема Македонија или дека без ДУИ нема стабилна влада Ахмети веќе ги адресира кон актуелниот сојузник СДСМ, но и кон растечкиот со рејтинг ВМРО-ДПМНЕ.

На опозицијата засега и е оставен простор за изборна победа без способност за меѓуетничка коалиција за идна влада.

Пораката е испратена и кон евентуалните автори на идејата за коалицирање на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во новата влада без ДУИ.

Така внатрепартискиот обид за демисионирање на најдолговладеечки лидер како да е нарачан од Ахмети и свесно контролиран за јакнење на неговите лидерски позиции.

Како инаку да се толкува дека тој и натаму е арбитар од кого засега не се откажуваат ни приврзаниците, ниту критичарите на процесите на ДУИзација на македонското општество.

Сепак во тек е партиска и национална демитологизација на интегративците и Али Ахмети.

Тоа е веројатно дел од поширокиот концепт за подлабоки резови за кадрите кои ја криминализираат С. Македонија.

Зошто таква општествена заедница, држава со демократски капацитет и правна сигурност не може да се гради со уморни актери.