Американската амбасадорка ни постави дијагноза – Корупцијата ве кочи на патот кон ЕУ

Соединетите Држави постојано ја поддржуваат целта на Северна Македонија да биде добро управувана, демократска земја, нудејќи еднакви можности за сите нејзини граѓани, уште од стекнувањето на независноста во 1991 година. Фокусот денес е на подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога во иднината на земјата и намалување на корупцијата. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија – рече американската амбасадорка Анџела Агелер во обраќање на настанот во Скопје со кој се одбележаа 30 годишни од партнерството на УСАИД – Американска агенција за меѓународен развој со Северна Македонија.

Горди сме што бевме ваш партнер во изминативе 30 години, рече Агелер, во кои бевме сведоци на значителни промени во овој период, но, подвлече, пред вас има уште многу предизвици.

– Сега повеќе се фокусираме на вашето лидерство и инвестирање во три клучни области: подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога во иднината на земјата и намалување на корупцијата. Последново – намалувањето на корупцијата – е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла, за кои знаеме дека може и треба да продолжи да ги постигнува. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство – оцени амбасадорката Агелер.

УСАИД го одбележа 30-годишниот јубилеј со културно-уметничка програма во осум градови во земјава, а со денешната манифестација во Скопје завршија активностите по повод јубилејот.