
По повеќе од две децении професионално искуство во медиумите, телевизиската продукција, комуникациите и менаџментот, Џулијан Шабани е именуван за заменик-директор на Македонската радио-телевизија (МРТ).
Шабани зад себе има богата кариера во неколку од најпознатите телевизии во земјава, меѓу кои TV HANA, TV ERA, ALSAT-M, МРТ, A1 Телевизија и TV21. Во текот на својата кариера работел во телевизиска режија, продукција, менаџмент и комуникации, а дури 16 години извршувал раководни функции, управувајќи со редакции, продукциски тимови, компании и медиумски проекти.
По образование е дипломиран на Факултетот за администрација и менаџмент, а има и магистерски студии по меѓународна комуникација, со што ги надополнил практичното искуство и академската подготовка во областа на медиумите.
На јавниот конкурс за избор на заменик-директор на МРТ се пријавиле осум кандидати, а програмата за работа на Шабани била оценета како најдобра, по што Програмскиот совет донел одлука тој да биде избран на функцијата.
Освен во телевизискиот сектор, Шабани раководел и со компании и проекти од областа на маркетингот, аудиовизуелната продукција и стратешките комуникации, при што соработувал со јавни институции, приватни компании и меѓународни партнери. Неговото искуство вклучува развој на комуникациски стратегии, управување со професионални тимови и реализација на бројни медиумски и уметнички проекти.
Со неговото именување се пополнува функцијата заменик-директор на јавниот сервис, која беше испразнета повеќе години. Според информациите од МРТ, оваа позиција немаше носител од 2021 година.