Шекеринска: ЕУ ги изневери очекувањата, само не треба да бидеме жртва на своите емоции

„Ние реформи направивме пред сѐ за нашите граѓани, но тие успешни реформи требаше да ни ја отворат вратата на ЕУ. Тоа не се случи. ЕУ ги изневери очекувањата. Оти политиката е поврзана и со емоции, само што не треба да бидеме жртва на своите емоции“. Ова денеска го изјави поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска за „Утрински брифинг“.

Таа смета дека реконфигурирање на перспективите на државата можеби би било очекувано во состојба кога граѓаните се разочарани ако не се случи отворање на преговорите во јуни.

„Мислам дека треба да ја збогатуваме европската агенда. Ако немаме најава за влегување во ЕУ, треба да имаме план да се движиме во таа насока. Можеме да го отвориме прашањето за користењето на европските пари. Генерално проширувањето е забавено, иако во нашиот случај директна вина има и ветото од Бугарија. Луѓето во Европа стануваат позатворени. Сепак, агендите како владеење на правото и други битни за животот на граѓаните треба да се спроведуваат. Но, не треба да живееме на шестмесечни рати и да чекаме чудо“ – вели Шекеринска.