
Љупчо Шврговски, адвокат на Сашо Мијалков, по новата осудителна пресуда за неговиот клиент со казна затвор од 2 години изјави дека и денешната пресуда ќе ја доживее истата судбина како претходната која беше укината од Апелација.
Тој смета дека не се испочитувани ниту едно од напаствијата дадени од повисокиот суд, а кои беа причина предметот да се врати на ново судење.
-Ова е пораз на правдата. Законот вика дека одлуката на Управниот суд, правосилната одлука има сила на закон. Како може вие со обвинение да диригирате одлука на Управен суд, а притоа не сте докажале надвор од разумно сомнение дека одлуката на Управниот суд е сторена со кривично дело од страна на судиите кој што одлучуваат. Ако ја следите хронологијата на настаните ќе видите дека до сега ниту едно единствено рочиште не е одложено по барање на одбраната или одбраната била причина или обвинетите за одлагање на овој предмет. Видете во колку наврати овој предмет е одлаган по 3-4 месеци и од кого е одлаган, дали одбраната е виновна за тоа или некој друг. Сепак ќе треба Судскиот совет да го разгледа овој предмет за да види која е причината што овој предмет трае толку долго. Затоа тоа е надвор од памет дека ние сакаме или купуваме време. Тука нема дело. Самата пресуда на Апелациониот суд јасно кажува дека тука нема дело за ниту еден од обвинетите, вели Шврговски.
Основниот Кривичен суд – Скопје денеска ја објави пресудата за случајот „Титаник 2″, предмет што се однесува на изборни нерегуларности во 2013 година за кои се обвинети поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешни членови на Државната изборна комисија. Мијалков и Тачи добија по две години затвор, а исто толку и членовите на ДИК, Бедредин Ибраими две години, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска, а во казната им се пресметува и времето помнато во притвор.
Ова e втора првостепена пресуда за „Титаник 2″, откако Кривичниот суд во 2019 година ги осуди обвинетите, но во декември истата година, Апелациониот суд поради суштествени повреди на постапката ја укина пресудата и случајот го врати на повторно судење. Мијалков доби три години затвор, Тачи три години и два месеци, четири години и шест месеци доби Ибраими, а останатите членови на ДИК беа осудени на по три години.