Шансите за тргање на бугарското вето сè помали!

Бојан Маричиќ – вицепремиерот за европски прашања смета дека напредок во евроинтеграциите е нужен за земјите од Западен Балкан и оти сега е време за брза евроинтеграција на регионот. Тој верува дека и покрај воената криза во Украина, Западен Балкан мора да остане во фокусот на ЕУ, бидејќи тоа е од геостратешки интерес и на Унијата.

„Време е за брзи интервенции во евроинтеграциите и поправање на грешките од минатото. Војната во Украина е последно предупредување за Унијата за ризикот кој го презема оставајќи го овој регион неинтегриран. Тоа е важна лекција која мора да ја знаме и дека сè што правиме на регионално ниво, на темелите на европските вредности, ќе носи мир, стабилност и напредок, а тоа ќе значи благосостојбата на нашите граѓани“ – порача вчера Маричиќ, на годишниот Самит на демократија во Југоисточна Европа, што се одржува во Будва, Црна Гора.

Поранешниот претседател на Бугарија – Петар Стојанов смета дека во Бугарија премногу се робува на јавното мислење и тој смета дека вистинските државни лидери мора да го креираат јавното мислење, особено кога станува збор за историски одлуки. Тој за софиската телевизија бТВ оцени дека агресивната позиција на Софија кон Северна Македонија создава нација што ја мрази Бугарија.

Стојанов, кој беше бугарски претседател од 1997 до 2002 година, смета дека колку и да се заострени позициите, дијалогот меѓу „двете братски држави“ мора да се води во пријателски тон.