
Независниот пратеник Миле Цеков ја обвини ЗНАМ дека ги изневерила очекувањата на граѓаните, наведувајќи дека партијата не останала доследна на принципите и ветувањата со кои настапила пред изборите.
Иако министерот Горан Минчев не беше предложен за разрешување ниту пак за смена на ресорот, Цеков го зеде токму него за пример за, како што рече, опасната болест во Македонија која направи ултра богати елити и сиромаштија од друга страна – т.е. лицемерието. Па, цитирајќи го Минчев кој во кампањата изјавувал дека за него „СДСМ не е само партија туку емоција“ и дека „принципите или ги имаш или ги немаш“ и со нив не можеш да тргуваш (мислејќи на политичкото пазарење на Зоран Заев) тој нацрта профил на Минчев како министер на ЗНАМ.
Критикувајќи ја политиката на поранешните сопартијци, кои јавно поставувале „црвени линии“, но подоцна постапувале спротивно на сопствените изјави, Цеков наведе неколку директни примери. Според него, Минчев пред да влезе во владината коалиција изјавувал дека ЗНАМ во Владата ќе влезат само со јасни услови – дека ниту ДУИ, ниту тие што соработувале со ДУИ нема да бидат дел од идниот состав. Како што изјавувал, ДУИ ја претвориле државата во приватна сопственост и бизнис клуб, или како што рече Цеков, изнесувал „тешки обвинувања и силни зборови“, за да потоа, кога ќе станат дел од владата да склучи неколку договори на набавка на горива токму од спонзорот на ДУИ, „Пуцко петрол“ – во време кога против него се водеше истрага околу аферата мазут.
-Денес гледаме дека проблемот не бил никогаш ДУИ туку тоа што некои не биле министри. Изгледа ДУИ била проблем само на прес-конференции, но не и кога се потпишуваат договори вредни десетици милиони денари“, заклучи Цеков, пред да го потсети Минчев и на неговите „црвени линии“ околу СДСМ.
Според него од 2016 Минчев регистрирал фирма за сместувачки и угостителски услуги и за неа добивал пари од владата во времето на Зоран Заев, и притоа не му пречеле ниту Преспанскиот договор ниту Договорот за добрососедство со Бугарија. Во завршницата на овој дел од говорот, тој порача дека токму граѓаните ја платиле цената на, како што рече, напуштените принципи.
„И најважно од сè – ги изневеривте граѓаните кои ви поверуваа на овие зборови… Принципите или ги имаш, или ги немаш“, го потсети Минчев независниот пратеник Миле Цеков.
Цеков, кој ја напушти ЗНАМ, од собраниската говорница изнесе и други, дополнителни, обвинувања кон министерот за јавна администрација Минчев, тврдејќи дека Министерството доделило милионски договор за обука на администрацијата на компанија чија основна дејност, според него, не е поврзана со такви услуги. Во своето обраќање, Цеков потсети на претходни изјави на Минчев дека ЗНАМ ќе биде „коректор“ во јавната администрација, а потоа изнесе тврдења за конкретен тендер. Потоа додаде дека, според неговите наводи, Министерството за јавна администрација доделило договор вреден 14 милиони денари на фирмата „Фонолукс“.
„На 30.7.2025 година Министерството за јавна администрација доделува тендер во вредност од 14 милиони денари за обука на 30.000 службеници на фирма „Фонолукс“ ДООЕЛ Скопје, чија основна дејност е изнајмување и давање под закуп машини и опрема, со еден вработен, и тоа во рок од шест месеци“, рече Цеков. Тоа, рече Цеков, отвора сериозни прашања.
„Господине Минчев, потпишавте договор од 14 милиони денари за обука на 30.000 службеници во рок од шест месеци со фирма која има еден вработен. Па дали, се прашувам, ја обучувате администрацијата или ќе ја обучувате јавноста како се прави тендерска магија? Ако е ова реформа во администрацијата, тогаш Хари Потер треба да биде“, рече Цеков од собраниската говорница.
Во репликата што следуваше, координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, ги отфрли изнесените обвинувања, оценувајќи дека Цеков ја промашил темата на расправата и дека Горан Минчев „е еден од министрите што има најдобар рејтинг, највисока евалуација и направил многу за државата“.
Преземено од Независен