Хирошима на годишнината од атомското бомбардирање повика на целосно укинување на нуклеарното оружје

Хирошима денеска ја одбележа 81-годишнината од американското атомско бомбардирање со повик до светските лидери да работат на целосно укинување на нуклеарното оружје, предупредувајќи дека растечките меѓународни тензии го зголемуваат ризикот од нова нуклеарна катастрофа.

Хирошима денеска ја одбележа 81-годишнината од американското атомско бомбардирање со повик до светските лидери да работат на целосно укинување на нуклеарното оружје, предупредувајќи дека растечките меѓународни тензии го зголемуваат ризикот од нова нуклеарна катастрофа.

Комеморативната церемонија почна со минута молк точно во 8:15 часот, времето кога на 6 август 1945 година експлодираше атомската бомба над градот. Се проценува дека до крајот на истата година од последиците од американскиот напад загинале околу 140 илјади луѓе.

Градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи, во Декларацијата за мир порача дека намалувањето на последиците од употребата на нуклеарното оружје и прифаќањето на силата како средство за остварување политички цели може да доведе до нов циклус насилства и трагедии слични на оние во Хирошима и Нагасаки.

Тој ги повика политичките лидери да ги препознаат разорните последици од каква било употреба на нуклеарно оружје и да покажат лидерство во процесот на нуклеарно разоружување преку меѓународна соработка.

Во Јапонија актуелна е дебата за евентуално преиспитување на долгогодишната политика според која земјата не произведува, не поседува и не дозволува распоредување нуклеарно оружје на своја територија. Јапонската премиерка, Санае Такаичи, порача дека земјата останува посветена на тие принципи и дека, како единствена држава што претрпела нуклеарен напад во војна, има посебна одговорност да продолжи да се залага за свет без нуклеарно оружје.

Мацуи оцени дека неуспехот на конференцијата за Договорот за неширење на нуклеарното оружје е последица на тоа што политичките лидери ја префрлаат одговорноста едни на други, со што, како што рече, се поткопуваат темелите на глобалниот мир и стабилност.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во обраќањето пред присутните на церемонијата предупреди дека меѓународните механизми што со децении спречувале нуклеарна катастрофа се под се поголем притисок и повика земјите да изберат дијалог, соработка и заедничка безбедност наместо конфронтација.

Градоначалникот на Хирошима ги повика и младите генерации да ја продолжат борбата за укинување на нуклеарното оружје како заедничка одговорност, а јапонската влада да учествува како набљудувач на ноемвриската конференција за Договорот за забрана на нуклеарното оружје.

Јапонија не е потписник на тој договор како држава што се наоѓа под американскиот „нуклеарен чадор“.

Три дена по нападот врз Хирошима, атомска бомба беше фрлена и врз Нагасаки, а Јапонија шест дена подоцна капитулираше, со што заврши Втората светска војна.