Филипче го нападна Мицкоски за поскапувањата, тој тврдеше дека растот на платите е поголем од времето на СДСМ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања нагласи дека народот е на раб на егзистенција, дека сè е поскапено, а платите се најниски во Европа. Филипче посочи дека, во услови на секојдневни ценовни шокови, власта не презема никакви мерки, ниту, пак, има најави дека ќе преземе нешто за заштита на стандардот на граѓаните.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања нагласи дека народот е на раб на егзистенција, дека сè е поскапено, а платите се најниски во Европа. Филипче посочи дека, во услови на секојдневни ценовни шокови, власта не презема никакви мерки, ниту, пак, има најави дека ќе преземе нешто за заштита на стандардот на граѓаните.

„Нема најави за зголемување на стандардот, нема најави за зголемување на платите. Сè порасна, сите цени се зголемија, освен платите. Тие стагнираат. Се зголеми цената на парното, повторно се зголемија горивата, повторно нема мерки за помош на одредени категории граѓани, поскапе данокот на имот, сè е поскапено, но платите стагнираат. Луѓето се на работ на егзистенцијата“, рече Филипче.

Тој додаде дека сите лаги на Мицкоски и ВМРО за наводниот економски напредок пропаднаа, а реалноста што ја живеат македонските граѓани ја потврди и Евростат.

„Паѓаат во вода приказните за стандардот. Секој ден ви е полна устата. Четврти сме биле во Европа, трети, сега сме први, ама луѓето знаат како живеат. Тие живеат на работ на егзистенцијата. И сега Евростат го потврди тоа. Последни сме во Европа по стандардот и по примањата, најниски, на дното. Не само што сме на дното, нема изгледни политики, ниту најави што тоа ќе го коригираат“, рече Филипче.

Филипче го обвини премиерот дека намерно го блокира европскиот пат, а сега и самиот ги демантира тврдењата со кои со години ја манипулираше јавноста.

„ Четири години не труевте, правевте поделби, обвинувавте, ги делевте луѓето на патриоти, на предавници, велевте дека протоколите се дел од преговарачката рамка, дека ние не преговараме со Европа, сме преговарале со Бугарија, и загрозен е јазикот, идентитетот и така натаму. Сега самите се демантирате, за пред некој ден да признаете, и вие и министерот за надворешни работи, дека сето тоа што сте го зборувале не било вистина“, истакна Филипче.

Филипче ја критикуваше и одлуката на власта за предлог-закон со кој, планира трошење 20 милиони евра со заобиколување на системските закони за јавни набавки.

„Па добро, што е целта? Што е целта, што сакате да постигнете? Каква е таа европска практика? Никаква. Ваша, на оваа власт, која се занимава само со коруптивни тендери од почетокот на владеењето. Кој премиере е крив за овие работи? Јас знам, вие ќе кажете, Венко е крив, СДСМ е крива за сè ова, меѓутоа граѓаните знаат дека вие ја сносите одговорноста за сите овие работи“, рече Филипче.

Премиерот, пак, возврати споредувајќи ги економските показатели од периодот на владата на СДСМ и ДУИ со актуелните резултати. Тој истакна дека инфлацијата е значително намалена, а растот на платите, пензиите и бруто домашниот производ е побрз отколку во претходниот владин мандат. Мицкоски посочи дека инфлацијата во јуни 2026 година изнесувала 3,4 проценти, додека во истиот месец во 2022 година достигнувала 14,7 проценти.

„Во јуни 2022 година Македонија беше осма по висина на инфлацијата меѓу 12 држави во регионот, а денес ја делиме третата позиција со Албанија со инфлација од 3,4 проценти. Тоа се факти“, рече премиерот.

Тој додаде дека цените на горивата во Македонија се најниски во регионот, нагласувајќи дека станува збор за производ чија цена се формира на берзите.

Премиерот презентираше и споредбени податоци за растот на платите, наведувајќи дека во периодот од јули 2017 до мај 2024 година, за време на владата на СДСМ и ДУИ, просечната нето-плата месечно растела за околу 224 денари. Според него, во периодот од јули 2024 до мај 2026 година, просечното месечно зголемување на нето-платата изнесува 373 денари. Околу пензиите тој посочи дека за речиси две години од мандатот на актуелната Влада просечната пензија е зголемена за повеќе од 7.000 денари, што, според него, е повеќе отколку во претходните седум години.Тој се осврна и на бруто домашниот производ, наведувајќи дека растот на економијата во изминатите две години е поголем во однос на растот во шестгодишниот период на претходната власт.

„Ова се бројки и показатели кои јасно ја покажуваат разликата меѓу двете влади“, порача Мицкоски.

Во своето обраќање, премиерот упати критики и кон Филипче, потсетувајќи на периодот на пандемијата со Ковид-19.

„Во времето кога бевте министер за здравство, Македонија беше меѓу земјите со најголем број починати од коронавирусот, а јавноста беше сведок и на неуспешниот обид за набавка на вакцини преку компанијата „Стабри“ од Хонг Конг. Очекувам Обвинителството да го испита тој случај“, рече Мицкоски.

Филипче рече дека наместо одговори за проблемите со кои се соочуваат граѓаните, Мицкоски се се заканува.

„Се заканувате тука со одговорност, со затвори, со решетки. Верувајте, никој не ви се плаши. Ама никој не ви се плаши. Смешни сте. Ви се смеат луѓето. Не личи тоа на ништо. Не ви доликува на функцијата што ја извршувате“, порача Филипче.