
Tрадиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2023 година, македонскиот поет Влада Урошевиќ, се одржа вечерва во црквата „Св. Софија“ во присуство на претседателот Стево Пендаровски, како и пред бројни гости од земјава и од странство.
Влада Урошевиќ е третиот македонски венцоносец, поет од третата повоена македонска поетска генерација и единствен македонски поет што трипати ја има добиено наградата „Браќа Миладиновци“.
„Ја сметам за исклучителна привилегија можноста да ги читам моите песни во овој древен храм. Сводовите на „Света Софија“ охридска ги носат во своето речиси илјадалетно сеќавање спомените на многу јазици, култури, религии. А последниве педесетина години, благодарение на широчината и на толерантноста на Македонската православна црква, на молитвите упатени кон христијанскиот Творец, искажани на македонски јазик, им се придружуваат, еднаш годишно, во вечерта посветена на носителот на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, и песните на поетите дојдени од сите страни на светот…Ми претставува особена чест што можам да се придружам на врвната плејада поети чијшто глас останал во меморијата на ова свето здание“- истакна лауреатот Урошевиќ.