Тутунопроизводителите се жалат дека ниту зголемените цени не им ги покриваат трошоците, сметаат оти просекот не смее да биде под 400 денари за килограм

Во Прилеп започна откупот на тутунот од годинашната реколта. Четири компании од вкупно 10 регистрирани во земјава ги отворија вратите на откупните пунктови, меѓу нив Тутунски комбинат и Скотаб Битола.

Тутунопроизводителите кои денеска први донесоа тутун за проценка велат дека откупот започнал добро, дека им процениле прва и втора класа, но дека иако цените се зголемени по килограм тутун, сепак, не им ги покриваат трошоците. Според нив просекот на тутунот не треба да биде под 400 денари за килограм.

Добро упатените потенцираат дека годинава се намалени количествата на произведен тутун . Главно, тоа е поради цената. Младите змејоделци велат дека не им се исплати да работат со овие цени. Откупувачите, пак, потенцираат дека годинашнава реколта е договорена на над 25.000 тони, но оти според состојбите ќе биде помала.

Директорот на Тутунскиот комбинат Прилеп, Кире Станкоски, вели дека Комбинатот е подготвен да ги преземе сите договорени количества тутун и веднаш да ги исплати. Отворени се 20 пунктови во градот и населените места.

– Подготвени стартувавме. Почнавме на сите пунктови во градот и во населените места. Вкупно се отворени 20 откупни пунктови со 28 ваги.  Имаме околу 4.000 кооперанти. Очекуваме добра реколта. Исплатата ќе се врши веднаш по преземените количества. Бевме предводници на зголемувањето на цените по класи. Оваа година го извлековме максимумот, се надевам за догодина ќе се стабилизира економската ситуација, а со тоа и цените на тутунот – изјави Станкоски.