
Турција разби шпионска мрежа, седум лица завршија во притвор
Според турските безбедносни извори, МИТ идентификувала вкупно девет лица поврзани со мрежата, но две од нив веќе биле во затвор по други обвиненија. Операцијата била спроведена во координација со Обвинителството во Анкара и специјални тимови на антитерористичката полиција.
Турската разузнавачка служба МИТ разби меѓународна шпионска мрежа за која се сомнева дека собирала чувствителни информации во Турција и ги пренесувала на странски разузнавачки служби. Во истовремени операции во четири провинции приведени се седум лица, меѓу кои и осомничениот водач на мрежата, идентификуван со иницијали Б.Е.
Според турските безбедносни извори, МИТ идентификувала вкупно девет лица поврзани со мрежата, но две од нив веќе биле во затвор по други обвиненија. Операцијата била спроведена во координација со Обвинителството во Анкара и специјални тимови на антитерористичката полиција.
Осомничените, според истрагата, собирале податоци за невладини организации, здруженија, етнички заедници и државни службеници во Турција. Информациите, како што тврдат турските власти, биле доставувани до две странски разузнавачки служби, но не е објавено за кои земји станува збор.
Активностите на мрежата биле следени преку физички надзор, кибер-следење и техничко прислушување. Турските медиуми јавуваат дека истрагата ги документирала каналите за комуникација, начинот на известување, механизмите за плаќање и инструкциите што осомничените ги добивале од странските служби.