
Трамп подготвува најголемо укинување на визи во историјата
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да укине деловни и туристички визи за дури 200.000 странци кои поднеле барање за азил во САД или во моментов бараат азил.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да укине деловни и туристички визи за дури 200.000 странци кои поднеле барање за азил во САД или во моментов бараат азил.
Доколку одлуката биде спроведена, тоа би било најголемото масовно укинување на визи во историјата на САД во еден потег, а се очекува одлуката да биде оспорена и пред судовите.
Според документи на американскиот Стејт департмент до кои дошла „Асошиејтед прес“ (АП), во наредните недели би требало да биде објавено укинување на визите Б1 и Б2 издадени во периодот од 2016 до 2026 година, чии носители поднеле или во моментов поднесуваат барање за азил.
Одлуката ќе биде донесена во координација со Министерството за внатрешна безбедност.
„Координираме со Министерството за внатрешна безбедност за да ги идентификуваме и укинеме неимигрантските визи на странци кои дошле во САД тврдејќи дека се краткорочни посетители, а потоа поднеле барање за азил за да останат трајно овде“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
Тој не откри колку визи би можеле да бидат укинати, наведувајќи дека процесот ќе биде континуиран и дека бројот на укинати визи ќе се менува.
Укинувањето на визите не би значело автоматска депортација, посочија американски официјални лица. Повеќето лица чии барања за азил во моментов се разгледуваат би биле прекатегоризирани и би го изгубиле статусот на деловни или туристички посетители.
Откако Трамп го започна вториот претседателски мандат, неговата администрација постепено ги заострува условите за лицата кои аплицираат за визи. Од нив се бараат повеќе информации за активностите на социјалните мрежи, воведени се скапи гаранции при обработката на барањата, а издавањето визи за граѓани на одредени земји е целосно забрането.
Заменикот на американскиот државен секретар Кристофер Ландау вчера ги критикуваше лицата за кои тврди дека влегуваат во САД со туристички и деловни визи, а потоа поднесуваат барање за азил.
На луѓето во САД и ширум светот им е доста од лажни барања за азил. Азилот не треба да биде дупка во законот за заобиколување на имиграциските правила“, напиша Ландау на „Икс“.
Визите Б1 главно се издаваат за деловни патувања, додека Б2 се наменети за туристички патувања, посети на семејството или медицински третман.
Од документите и изјавите на американските официјални лица не е јасно колку носители на овие визи поднеле или во моментов поднесуваат барање за азил и би можеле да бидат опфатени со мерката.
Од лицата кои во моментов аплицираат за Б1 и Б2 визи се бара да потврдат дека нема да побараат азил во САД, како и да докажат дека имаат намера да се вратат во своите матични земји.
Во последните 18 месеци Стејт департментот укинал околу 175.000 визи на лица кои биле осудени или обвинети за кривични дела, од возење во алкохолизирана состојба до силување и разбојништво, но и на лица кои јавно ја критикувале американската политика, особено во однос на Блискиот Исток.