Тешка железничка несреќа во Пакистан – воз излета од шините, 19 загинати, 50 повредени

Најмалку 19 лица загинаа, а 50 се повредени кога воз излета од шините и се преврте денеска во јужен Пакистан, соопштија властите.

Неколку вагони на железничката компанија Хазара експрес се превртеа на станицата Сахара во Навабшах, на околу 275 километри од Карачи, јавува Би-Би-Си.

Повредените се префрлени во блиските болници додека спасувачките екипи се обидуваат да ги ослободат затрупаните во смачканите вагони.

На помош беа повикани и армиски спасувачки екипи.

Вонредна состојба е воведена во главните болници во Навабшах и во соседните области на Синд поради приемот на голем број повредени.

Во Пакистан, железничките несреќи се вообичаени поради застарениот железнички систем.

Еден од најтешките во последно време се случи во 2021 година, кога најмалку 40 лица загинаа во судир на два воза во провинцијата Синд.