Температурен рекорд во Франција

Температурите во Франција вчера достигнаа највисоко ниво, соопштија метеоролошките служби, бидејќи земјата ја зафати нов топлотен бран.

Просечната национална температура во текот на 24 часа достигна 27,1 степени Целзиусови, објави во средата Метео Франс, пред очекуваниот врв за месец август кој треба да биде во втората половина на неделата, пренесе АФП.

Вакви високи температури никогаш не биле забележани континуирано кон крајот на летото во записите кои датираат од 1947 година, додаваат од метеоролошката служба.

Во понеделникот веќе беше забележана температура која го надмина претходниот рекорд од 26,6 степени од 2012 година.

– Постојан и интензивен топлотен бран е присутен во поголем дел од јужна Франција – објави Метео Франс.

Максималните температури во јужните региони, вклучувајќи ја долината на Рона, регионот Окситанија што се граничи со Шпанија и регионот Аквитанија околу Бордо би можеле да достигнат до 42 степени.