Таравари: Договорени се „поголемиот дел од работите“

Лидерот на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари изјави денеска дека „поголемиот дел од работите“ за влез на партијата во Владата се завршени и дека е можно денеска или утре да се постигне договор. За распределба на министерски и други функционерски места уште се разговара, вели Таравари и не сакаше да открие што досега е прецизирано како позиции што ќе ги има неговата партија.

Во изјавата за МИА Таравари рече дека повеќето прашања се затворени и дека се договорени „поголемиот дел од работите”.

Околу распределбата на функционерските места и министерски ресори, лидерот на Алијансата за Албанците напомена дека за тоа сè уште разговара, па затоа, како што нагласи, не би било коректно да зборува околу тоа во овој момент.

„Ќе почекаме на консултациите кои се во тек помеѓу работните групи на партиите од владиното мнозинство“, изјави Таравари.