
Столтенберг: Важно е Шведска и Финска да бидат примени во НАТО што е можно поскоро
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес изјави дека е поважно Финска и Шведска да бидат примени во НАТО што е можно поскоро, отколку да бидат примени заедно.
„Главното прашање не е дали приемот на Финска и Шведска како полноправни членки ќе се ратификува заедно, туку дали ќе биде ратификуван што е можно поскоро“, рече Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Како што јави „Ројтерс“, Столтенберг повтори дека сите земји-членки гласале за влез на Финска и Шведска во НАТО, освен Унгарија и Турција.
Турскиот претседател Ердоган изјави претходно овој месец дека Турција ја поддржува кандидатурата на Финска за НАТО, но не ја поддржува Шведска.
Анкара бара двете земји да заземат построг став против Работничката партија на Курдистан, која Турција ја смета за терористичка организација.
Двете земји аплицираа за влез во НАТО по почетокот на војната во Украина во февруари минатата година.
Западните власти потврдија дека би сакале двете земји да се приклучат кон НАТО истовремено, делумно затоа што би било полесно да се интегрираат во воените структури во исто време.