
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во изјава за медиумите по вториот панел од годишната конференција „Година на нови можности“ апелираше до сите политички субјекти да бидат одговорни во пресрет на чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Во однос на бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски и дали ќе биде пуштен во државава на 4 февруари, Спасовски рече дека на основа на сите анализи ќе ја донесат одлуката. –
„Споделуваме информации во однос на тоа што се очекува, а одлуките ќе ги носиме кога ќе дојде време“, рече Спасовски.
„И двете држави и двете министерства за внатрешни работи ќе направат сѐ за да не им се остави простор на радикалите кои сакаат да го нарушат односот меѓу двете држави. Мора да се деескалира состојбата. Нема да дозволиме никаква ескалација на состојбата ниту инцидент, ниту понижување на македонскиот народ и држава“ рече тој.
Коментирајќи ја средбата со неговиот бугарски колега Спасовски рече дека добиени се гаранции дека нема официјална политика што може да се базира на негирање на народ или држава.
„Тоа е основа за секакво идно партнерство што треба да го имаме и на средбата беше изразен јасен став дека добрите односи меѓу двете држави се важни за цлеиот регион“, порача Спасовски.
Тој нагласи дека институциите функционираат и дека тие се должни да ги обезбедат сите мерки и активности.
Министерот порача дека треба да се напушти потпалувачката реторика која ја слушаме од патриотските здруженија.
Тој упати апел до граѓаните да не подлегнуваат на кој било повик и да не преземаат надлежност што е во ингеренции на институциите.