
Пред малку тешки пожари избувнаа на територијата на Волково и на територијата на општина Сопиште, зад Водно.
Пожарот кај Волково постепено се става под контрола, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, а во Сопиште започнува интервенција на БППЗ Скопје, каде се упатени и четири пинцгауери на ДЗС.
Три ер трактори се подготвуваат за полетување кон пожарот на територијата на општина Сопиште (зад Водно), дополни Ангелов.

Исто така, информира Ангелов, пред малку поголем пожар изби во близина на Јажинце, а благодарение на брзата интервенција на тетовските пожарникари, локалното население и полицијата истиот е брзижо изгаснат.
Претходно, Ангелов соопшти дека во текот на денешниот ден се евидентирани нешто повеќе од пет пожари на отворен простор, но ниту еден од нив не претставува посериозна закана и се очекува наскоро да биде ставен под контрола.
Како што информираше, во текот на вчерашниот ден биле изгаснати повеќе од 25 пожари на отворен простор, а најкомплексен бил пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, во близина на Самоков.
– Пожарот навлезе на тешко пристапен терен каде што интервенираа голем број пожарникари од Македонски Брод и три пинцгауери на Дирекцијата за заштита и спасување. Конечен удар на пожарот му зададе дождот што заврна на ова подрачје во текот на вчерашното попладне- појасни Ангелов.
Тој посочи дека вчера бил регистриран и поголем пожар во Општина Новаци, при што изгорела поголема површина рамничарски предел. Благодарение на интервенцијата на пожарникарите, локалната самоуправа и земјоделците кои помогнале со механизација, пожарот бил запрен и изгаснат.
Според информацијата на Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 13 часот денеска на територијата на државата биле регистрирани вкупно шест пожари на отворен простор, од кои два се активни, а четири се изгаснати.
Активни се пожарите кај селото Брњарци во Општина Арачиново и во населбата Волково во Општина Ѓорче Петров, каде гори ниска вегетација. Изгаснати се пожарите во селото Бањица во Општина Чашка, селото Биџево во Општина Струга, селото Сенакос во Општина Врапчиште и на депонијата во Делчево, информира ЦУК.
Ангелов упати благодарност до македонските пожарникари за брзата реакција и до граѓаните за внимателноста, но нагласи дека постојат докази и за неколку намерно предизвикани пожари.
– Апелирам до граѓаните и понатаму да бидат совесни и внимателни за ненамерно да не предизвикаат пожар. Секое сомнително однесување да се пријави на бројот 112 или во најблиската полициска станица – порача Ангелов.