СОНК и Владата ги продолжуваат преговорите

Според најавите, денеска се очекува Самостојниот синдикат за образование, наука и култура и Министерството за образование и наука да ги продолжат преговорите со помош на медијаторот – Министерството за труд и социјална политика.

Лидерот на СОНК – Јаким Неделков најави дека денеска биле можни конкретни одговори на нивните предлози.

„Сите имаме очекувања да излеземе од овој штрајк со позитивен резултат и не како победници, туку како социјални партнери, кои ќе најдат заеднички прифатливи решенија, каде што нема да има победници и губитници“ рече тој во средата.

Рокот за медијација е 10 дена за усогласување на ставовите и ако во текот на тој рок не се постигне договор, според Неделков, преговорите ќе мора да се продолжат за дополнителни 10 дена.

Штрајкот беше ставен во мирување, а што се однесува до учебната година, Неделков не гледа причина таа да не заврши на 10 јуни, но истакна дека Бирото за развој на образование ќе оцени колку наставни часа им фалат на наставниците и за тоа да се направи програма која ќе се реализира до 10 јуни.