Скопје со порака до Софија да прекине циклусот негативни односи

Треба да се остава што помалку простор на провокации чија единствена цел е нарушување на добрососедските односи. Северна Македонија во овие години покажа мудрост и зрелост да не потклекне на таквите провокации. Време е Република Бугарија да го прекине циуклусот на негативни односи што не е во интерес ниту на двете држави. Ова се пораките што вчера ги упатија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Ковалевски вчера, одговарајќи на прашање за недоличните и навредливи коментари кон македонскиот народ од страна на бугарскиот европратеник Александар Јорданов истакна дека не треба да се остава простор на провокации, потсетувајќи дека и Владата и МНР реагирале со осуда на недоличното однесување, а, како што рече, реагирано е до бугарските власти и испратено е писмо до Европскиот парламент.

За провокациите смета дека доаѓаат од личности од политички партии кои не сакаат да го видат овој регион како дел од ЕУ и во тој однос вели дека не би требало дополнително да се коментира бидејќи Бугарија веќе е влезена во изборна кампања. Штом ќе завршат изборите, според него, таму ќе може да се воспостави понатамошен дијалог во однос на билатерални и мултилатерални проекти со владата што ќе ја имаат после изборите коишто ќе се одржат во првата недела на пролет.

Министерот Османи вчера говорејќи за тензиите со Бугарија, посочи дека двете земји во изминатите неколку години создадоа рамка низ која треба да се канализираат разликите, но, за жал, според него, комуникацијата е влошена поради честите изборни цикллуси во Бугарија. Но, Османи вели дека прашањето е дали ние ќе потклекнеме на таквите провокации или не.

Според него земјава во овие години покажа мудрост и зрелост да не потклекне на таквите провокатори кои, како што кажа, се делумно диктирани од изборните агенди, а делумно од некоја невидлива рака која се обидува често во овој регион да има постојани латентни. Оттука неговата порака до Република Бугарија е дека е време да го прекине тој циуклус на негативни односи којшто не е во интерес ниту на двете држави.

Османи се надева на позитивна агенда во односите со Бугарија и е уверен оти аргументите се на наша страна, а вистинскиот курс од кој нема да отстапи е преку примена на сите расположливи дипломатски инструменти. Имено, според шефот на македонската дипломатија, на сите пораки, навреди и провокации кои доаѓаат од Бугарија ние одговараме соодветно со сите можни дипломатски инструменти и на Бугарија и на европските партнери за да ги држиме континуирано информирани.

Стратешкиот дијалог со САД не е алтернатива, туку е комплементарен на процесот на ЕУ-интеграција. Не очекуваме ново вето од Бугарија, одговори шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Министерот вчера нагласи и оти нема да се дозволи да се злоупотребат изолирани инциденти за да се каже дека тука се води системска репресија врз заедниците затоа што тоа не е така, а потврда е вели и Предлог резолуцијата во Советот за Европа за малцински прашања од пред неколку недели во која нема ниту една забелешка за односот на државата кон бугарската заедница.

-Обидите на Бугарија да предложат амандмани на таа резолуција се неприфатени од сите земји-членки и за нас тоа е важно. Кој ќе остане ставот на останатите, затоа што ако тој став го прифатат или се прелее во ЕУ ние тогаш немаме игра, вели министерот Османи.

Османи исто така вчера изјави дека не очекува ново вето од Бугарија.