
Сиљановска-Давкова: Aрмијата е фактор на стабилност, безбедност и доверба
Македонската Aрмија денес е високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност и висока интероперабилност со сојузничките сили, порача претседателката и врховна командантка Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста по повод Денот на Армијата во Охрид.
Македонската Aрмија денес е високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност и висока интероперабилност со сојузничките сили, порача претседателката и врховна командантка Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста по повод Денот на Армијата во Охрид.
Во обраќањето таа потсети на историскиот развој на Армијата, од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година до членството на земјата во НАТО, оценувајќи дека македонската Aрмија е фактор на стабилност, безбедност и доверба.
Осврнувајќи се на актуелните безбедносни предизвици, претседателката нагласи дека современата одбрана мора да биде подготвена за новите форми на закани, вклучително и сајбер-просторот и вештачката интелигенција.
-Цврсто верувам дека колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност. Токму затоа, јакнењето на сопствените капацитети е и вистинскиот начин на кој што ја зацврстуваме својата позиција во aлиjансата како сериозна и кредибилна членка на која што може да се верува и врз која може да се потпира – нагласи Сиљановска-Давкова.
Таа посочи дека Армијата не само што ги исполнува НАТО-стандардите, туку ги претвора во сопствена практика, а доказ за тоа се високите оценки на Лесната пешадиска баталјонска група и учеството на 183 припадници на Армијата во меѓународни мировни мисии и операции.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање, истакна дека Армијата е столб на стабилноста и безбедноста на државата, нагласувајќи дека модернизацијата се реализира според планираната динамика. Тој посочи дека веќе се испорачани оклопните возила JLTV и Stryker, артилериските системи „Боран“, најголемиот дел од системите за противвоздушна одбрана „Мистрал 3“, а до крајот на годината се очекуваат и првите два нови хеликоптери.
Министерот најави и ново законско решение за професионалните војници кои наполниле 45 години, како и зголемување на платите од следната година. Според него, паралелно со опремувањето на Армијата се вложува и во подобрување на инфраструктурата во касарните, за што во наредниот период се предвидени инвестиции од над 12 милиони евра.
Честитајќи им го празникот на армиските припадници, министерот Мисајловски порача дека развојот на Армијата ќе продолжи со уште посилно темпо, преку нови набавки, инвестиции во инфраструктурата и зголемен број обуки и вежби.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, по повод Денот на Армијата порача дека изминатата година била исклучително успешна за Армијата, која уште еднаш ја потврдила својата оперативна зрелост и подготвеност за справување со современите безбедносни предизвици.
Во обраќањето на свеченоста во Охрид, Лафчиски истакна дека успешната реализација на вежбата „Блесок 26“ и оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група претставуваат потврда за достигнатите способности и професионалноста на армиските припадници.
-Стекнувањето на статусот „борбено подготвен“ не е само формално признание. Тоа е потврда дека зад тој резултат стојат илјадници часови обука, планирање, подготовки, вежби, одрекувања и професионална посветеност – нагласи Лафчиски.
Генералот истакна и дека Армијата е во најинтензивниот процес на модернизација од своето формирање, преку набавка на нова опрема и развој на современи способности, при што нагласи дека највредниот ресурс останува човечкиот потенцијал.
На свеченоста беа доделени одликувања и признанија на армиски единици, институции и припадници на Армијата за нивниот придонес во развојот на одбранбените способности и извршувањето на задачите.