
Сиљановска-Давкова: На Фестивалот „Игор Маџиров“, на мал и скромен простор, секоја година се случуваат театарски чуда!
-Верувам дека и годинава, кога глумците со збор и со тело ќе ги оживеат ликовите и ќе станат други, ние, чувствувајќи ги нивните радости и стравови ќе се идентификуваме со нив и ќе почнеме да размислуваме за изборот којшто го прават, небаре е наш. Преку играта, смеата и тагата, храброста и сомнежот, правдата и неправдата, театарот како уметност на неможното, ни помага да ги препознаеме човечките слабости и доблести, внатрешни борби, да се радуваме и да се нервираме, бурно да реагираме - нагласи таа.
Театарот нè учи да погледнеме подалеку од разликите, да го слушнеме другиот и во неговото искуство да препознаеме нешто блиско и свое, наше, заедничко, човечко – истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која во својство на покровителка, вчера вечер го отвори петтото издание на интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.
Претседателката во обраќањето ги поздрави огромните уметнички успеси и високи дострели на Театарот за деца и младинци, постигнати на малиот и скромен простор, непроменет со децении. За неа, годинашното мото на фестивалот, „Сите сме исти. И јас и ти“, е уметнички и хуман повик на почитување на правото на секој човек на свој живот, свој свет, своја приказна.
Сиљановска Давкова посочи дека тука, во срцето на Скопје, со многу генерации на деца живееле, растеле, твореле и пораснале големи глумци, задоволувајќи ги нивните мечти и соништа, врзани за блиски и далечни култури.
Богатото уметничко наследство на Игор Маџиров, според претседателката, не престанало да постои со неговото прерано физичко заминување, туку продолжи да живее на старите тетарски даски, на коишто, секоја година се случуваат чуда.
Сиљановска- Давкова ја повтори минатогодишната желба – детскиот театар конечно да добие пристоен дом, каков што заслужуваат неговите талентирани и вредни станари и нивните најчести и најверни гости- децата.
-Верувам дека и годинава, кога глумците со збор и со тело ќе ги оживеат ликовите и ќе станат други, ние, чувствувајќи ги нивните радости и стравови ќе се идентификуваме со нив и ќе почнеме да размислуваме за изборот којшто го прават, небаре е наш. Преку играта, смеата и тагата, храброста и сомнежот, правдата и неправдата, театарот како уметност на неможното, ни помага да ги препознаеме човечките слабости и доблести, внатрешни борби, да се радуваме и да се нервираме, бурно да реагираме – нагласи таа.

Претседателката истакна дека интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, преку творечката енергија, уметничката храброст и недофатливите дострели, ја задоволува огромната љубопитност, поврзува блиски и далечни култури, генерации, светогледи.
-Знам дека творењето за најмладата публика и глумењето пред неа е голема и посебна одговорност зашто детето не е рутиниран гледач што мирно ја следи приказната, туку немирен, разбрануван, бистар, љубопитен ум што мисли брзо, поставува многу незгодни и смели прашања, остар и прецизен набљудувач и добар воочувач, бескомпромисен критичар, кој отворено, без преправање, директно го кажува она што го мисли за виденото и чуеното, односно – одиграното – рече таа.
Сиљановска Давкова посочи дека името на Игор Маџиров го поврзува фестивалот со актер чиешто творештво остави оригинална, творечка, длабока трага во македонската култура.

-Неговото уметничко наследство потсетува дека вистинските сценски дострели не завршуваат со животот или со последниот аплауз, туку продолжуваат да живеат преку глумата на други актери или новите генерации актери, нивните остварувања, но и преку публиката којашто повторно ја открива магијата на театарот и волшебничките способности и дострели на актерите, режисерите, сценаристите… – додаде претседателката.
Таа им порача на децата да гледаат и да фантазираат, да размислуват и да си ги кажат мислењата, да се борат и да си ја негуваат слободата на мислата.
-Коментирајте, хранете си ги љубопитноста, храбро откривајте ги тајните на животот и на светот. Не престанувајте да прашувате, да замислувате и да сонувате, зашто токму во детските пориви се крие тајната и силата на новото, незамисливото, чудното, неочекуваното. Фестивалските денови нека нè нурнат во театарската магија и во светот на детската фантазија и имагинација – истакна претседателката, прогласувајќи го за отворено петтото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.

Фестивалот беше отворен со претсавата „Која е Лорет“, а на него гостуваат претстави од земјата, од Србија, Хрватска, Чешка и од Шпанија, а презентерите на работилниците ќе бидат со гости од Бугарија, Грција и од Босна и Херцеговина. На фестивалот учествуваат истакнати автори, режисери, актери, драмски писатели.
Билетите за претставите може да се купат во билетарницата на Театарот за деца и младинци – Скопје.