Светски ден без тутун: Алиу најави поголема достапност на терапии за одвикнување
Министерот за здравство, Азир Алиу, по повод одбележувањето на Светскиот ден без тутун 2026 година, најави нови активности за зајакнување на системот за поддршка на граѓаните кои сакаат да се откажат од пушењето.
Министерот за здравство, Азир Алиу, по повод одбележувањето на Светскиот ден без тутун 2026 година, најави нови активности за зајакнување на системот за поддршка на граѓаните кои сакаат да се откажат од пушењето.
На заедничката прес-конференција со Светската здравствена организација, Институтот за јавно здравје и други партнери, Алиу посочи дека годинашното мото е насочено кон разоткривање на привлечноста и зависноста од никотин и тутун.
Тој информираше дека Министерството за здравство, во соработка со центрите за јавно здравје, локалните самоуправи и здравствените домови, започнува координирани активности за зајакнување на услугите за откажување од пушење на локално ниво.
„Целта е поголема достапност на советувањето за откажување од пушење, зајакнување на системот за упатување и континуирана поддршка за граѓаните, со посебен фокус на младата популација“, истакна Алиу.
Министерот потсети и дека Министерството за здравство ја ажурирало есенцијалната листа на лекови, при што за првпат биле вклучени средства за одвикнување од пушење, како никотински фластери и никотински гуми за џвакање.
Според него, целта е овие производи да станат подостапни за граѓаните, но и да бидат препознаени како дел од системската поддршка за намалување на зависноста од тутун.
Алиу најави и нов предлог-закон за заштита од употреба на тутунски и сродни производи, кој ќе биде усогласен со европските стандарди и регулативи, со цел долгорочно унапредување на јавното здравје.
Тој додаде дека Министерството ќе продолжи со заедничките активности со Светската здравствена организација и Институтот за јавно здравје за подигнување на свеста за штетноста од пушењето и заштитата на здравјето.