Сали: Долгот на клиниките кон ЕВН е направен во ковид кризата

„Долгот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје за неплатена струја кон ЕВН е направен во изминатите две години, кога поради ковид пандемијата не можевме да организираме добро планирање на снабдување со сите сите потребни материјали и енрегенси, а секако и последната година е кризна со поскапената електрична и топлинска енергија“.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Беким Сали.

Клиничкиот центар има 7 милиони евра долг за струја, а ЕВН најави дека ќе го исклучи ако не го подмири или донесе банкарска гаранција.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата сабота кажа дека обврска на државата и на Министерството за финансии е да обезбеди средства за непречено функционирање на Клиничкиот центар.

„Еден дел клиниките набавуваат електрична енергија директно од добавувачи, еден друг дел од клиниките набавуваат преку заеднички служби. Делот на заеднички служби, поради наталожениот долг во период на ковид пандемијата се соочува со отежнато функционирање во делот на финансиско менаџирање и нормално поради долговите кои се наталожени во сите клиники, они заостануваат во плаќање на долговите кон заедничките служби. Сега сме во фаза кога клиникте сите посебно договараат буџет за идната година со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) и Фондот е запознаен дека ќе треба да најде начин како да се надополнат буџетите на овие клиники за да може да се подмират сите долгови кон добавувачите“, рече Сали по посетата на Клиниката за нефрологија.