
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека воената помош за Украина може да предизвика глобален конфликт и повика на прекин на испораката на оружје за Киев.
Радев во интервју за радио „Дарик“ предупреди дека снабдувањето со оружје на Киев значи дека, како што рече, пожарот се гаси со бензин и дека ќе има уште многу жртви.
Бугарскиот претседател посочи дека воената помош за Киев подразбира дека конфликтот „мора да се води додека едната од страните не биде целосно поразена“, што неминовно и постепено води до глобален конфликт и можност за нуклеарно самоуништување.
Радев истакна дека затоа неговата земја не треба да испраќа оружје за да го разгори конфликтот во Украина.
Тој предупреди дека воениот конфликт во Украина станува се понасилен и води кон исцрпеност и глобална економска катастрофа.
Германскиот весник „Велт“ пред два дена обелодени дека поранешниот премиер Петков минатата година извршил тајна операција за снабдување на Украина – без знаење на коалициските партнери.
Се верува дека во еден момент Бугарија и испорачувала на Украина третина од муницијата и 40 отсто од нафтата.