Радев во вторник ќе ги прими претставниците на БСП за враќање на мандатот

Претседателот на Бугарија во вторник претпладне ќе прими претставници на пратеничката група на „БСП за Бугарија“ во врска со мандатот за предлагање кандидат за премиер, соопштија од прес-службата на шефот на државата.

Лидерката на БСП Корнелија Нинова денеска најави дека в понеделник ќе го вратат мандатот.

Претходно, само три парламентарно претставени политички сили – ГЕРБ-СДС, ДПС и „Бугарски подем“ – одговорија на поканата на БСП за лидерска средба во врска со третиот мандат за формирање влада. Од „Продолжуваме со промената“ (ПП), „Демократска Бугарија“ (ДБ) и „Преродба“ не дојдоа на разговор.

Нинова посочи дека направиле се што се очекувало од нив, барале дијалог и договор за четири приоритети за обединување на политичките сили. „Баравме решение за излез од кризите во кои се наоѓаме, а особено од политичката криза“, истакна таа.