
Русија високо ја цени „урамнотежената надворешна политика” на Србија и ги поддржува нејзините напори да го заштити својот територијален интегритет во конфликтот со Косово, се вели во писмото на рускиот претседател Владимир Путин до неговиот српски колега Александар Вучиќ.
Русија е главен сојузник на Србија во нејзиното противење на 15-годишната независност на нејзината поранешна покраина Косово, а Белград одби да ги примени санкциите на Европската унија наметнати на Москва поради нејзината инвазија на Украина и покрај нејзините амбиции за членство во ЕУ, пишува Ројтерс.
Белград долго време балансира меѓу своите аспирации за ЕУ и партнерството со НАТО од една страна и вековното етничко и верско сродство со Русија.
Но, како што ескалираат тензиите меѓу ЕУ и Русија, повиците на Западот Белград да се приклучи на санкциите кон Москва и да ја усогласи својата надворешна политика со Брисел стануваат сѐ погласни.
„Србија е важен и доверлив партнер на Русија“, му порача Путин на претседателот Александар Вучиќ во писмото со честитки за Денот на државноста на Србија во среда, а кое претседателството на Србија го испрати до медиумите.
„Високо го цениме урамнотежениот надворешнополитички курс што Белград го спроведува во комплицираната меѓународна средина. Ги поддржуваме вашите напори за заштита на вашиот територијален интегритет и решавањето на косовското прашање“, рече Путин.