
Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи во гостувањето во бугарската „БТВ“ говореше за инцидентот во Охрид, каде беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.
„Не ми е важно што ќе каже истрагата за нападот, важно ми е што ќе каже оштетениот и неговите родители. Неговиот родител вели дека бил нападнат поради бугарска етничка припадност. И мене ми е тоа доволно за денес да дојдам во Софија и да пратам порака“, вели Османи.
Премиерот, пак, Димитар Ковачевски повика на смиреност. Го осуди инцидентот.
„Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации затоа што ова не е натпревар, кога играат ‘Пелистер’ или ‘Вардар’, или пак, ‘МЗТ’ и ‘Работнички’. Ова е нашата иднина“, порача тој.
Го осуди насилството и најави дека ќе се спротивстави на секоја провокација.
„За мене такви провокации се недозволиви“, вели Ковачевски.