Превозниците најавија протест пред Делегацијата на ЕУ во Скопје на 31 август

Македонските превозници најавуваат протест поради проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната на 90 дена во рамките на 180 дена.

Македонските превозници најавуваат протест поради проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната на 90 дена во рамките на 180 дена.

Од „Макам-транс“ информираат дека на состанокот одржан на 21 август е потврдена организацијата на двочасовен протест на 31 август.

Протестот во Скопје ќе се одржи пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија, во периодот од 12 до 14 часот, со учество на најмалку 20 возила и поголем број превозници, возачи и други вработени од различни градови во државата.

Истовремени протести се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Акцијата ќе се одржи непосредно пред состанокот на работната група во Брисел, закажан за 1 септември, на кој треба да се разговара за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Од „Макам-транс“ велат дека доколку на состанокот не биде постигнато преодно решение, се предлага нов протест на граничните премини, кој би започнал на 14 септември. За неговото одржување потребна е согласност од превозниците во секоја од земјите, како и одобрение од надлежните институции.

Според најавите, овој протест би можел да биде сличен на оној од јануари годинава и да трае подолго од 10 дена. Асоцијациите од четирите држави во моментов собираат поддршка од превозниците за неговата организација.