Почина поранешниот естонски премиер и еврокомесар Сиим Калас, татко на Каја Калас

– Со длабока тага морам да објавам дека мојот драг татко, Сиим Калас, почина синоќа, напиша Каја Калас.

Сиим Калас, поранешниот премиер на Естонија и долгогодишен еврокомесар, почина на 77-годишна возраст, објави на социјалните мрежи неговата ќерка, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

– Со длабока тага морам да објавам дека мојот драг татко, Сиим Калас, почина синоќа, напиша Каја Калас.

Сиим Калас извршуваше повеќе високи функции во Естонија откако земјата стекна независност во 1991 година, служејќи како премиер, министер за надворешни работи, министер за финансии и гувернер на централната банка.

По пристапувањето на Естонија во Европската унија во 2004 година, Калас беше назначен за еврокомесар.

Како потпретседател на Европската комисија во Брисел, Калас првично беше одговорен за администрација, внатрешна ревизија и борба против измами. Во 2010 година, тој стана комесар за транспорт.

Откако ја напушти Европската комисија, Сиим Калас се кандидираше, но не беше избран, на претседателските избори во Естонија во 2016 година.

Во 2019 година беше избран за пратеник во Естонскиот парламент, но поднесе оставка во 2024 година и се повлече од политиката, поради здравствени причини.