
Две млади охриѓанки беа спасени од полициски службеници откако силен ветер и големи бранови ги оддалечиле од брегот на Охридското Езеро додека пловеле со СУП даски.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил пријавен вчера во 19:55 часот во Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро. Според пријавата, две лица кои се наоѓале на околу 1.000 метри од брегот, спроти авто камп во Охрид, со извикување барале помош.
Веднаш по добиената информација, полициски службеници од Езерската полиција се упатиле кон местото. По преземената потрага, девојките биле пронајдени на околу 2.000 метри оддалеченост од брегот, како се обидуваат да го одржат пловењето и да привлечат внимание.
Полициските службеници успешно интервенирале и ги префрлиле на полициски чамци. При проверките било утврдено дека станува збор за Е.С. (19) и И.А. (18), двете од Охрид.
Девојките објасниле дека поради наглото влошување на временските услови, силниот ветер и високите бранови, биле однесени подалеку од брегот и не можеле самостојно да се вратат.
Тие биле безбедно пренесени во просториите на Езерската полиција.
СВР Охрид и Езерската полиција упатуваат апел до граѓаните и туристите кои користат СУП даски, педалинки и други рекреативни средства на вода да не се оддалечуваат од безбедносните зони и да ги следат препораките, особено при неповолни временски услови.