Повторено судење за „Трезор“: Мијалков не се чувствува виновен

Во Кривичниот суд од почеток стартуваше повтореното судење за случајот „Трезор”, а кој неодамна падна на Апелација, со што беше укината 8-годишната затворска казна на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Со укинувањето на оваа пресуда, сега ослободени се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, кој доби 15 години затвор, а е во бегство.

Ослободен е и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, кому му беше изречена казна затвор од пет години.

Исто толкава казна му беше изречена и на поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, но и тој сега е слободен граѓанин.

Мијалков денеска пред судот рече дека не чувствува вина. Во Кривичен стигна со полициско комбе од струшкиот затвор каде издржува затворска казна за случајот „Империја“, за кој призна вина, а откога стана жител на Струга, патува по 170 километри за да стигне на судењата во Скопје.