Пендиков: Сон ми е да се вратам во Македонија и да можам да кажам дека сум Бугарин

Пендиков секретарот на охридскиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“, кој беше претепан пред кафе-бар во Охрид   вели заканите продолжиле и месец подоцна во интервју за бугарската телевизија БТВ.

Според Пендиков, има информации дека тој може да биде нападнат и во Бугарија.Освен до него, закани стигнувале и до неговата мајка и до неговите роднини.

Тој во интервјуто, како што пренесува БТВ, раскажува дека и самиот не ги поднесувал Бугарите кога бил помлад и дека пред неколку години се разбудил и станал македонски Бугарин.

Во видео интервјуто што го објави бугарската телевизија, Пендиков во детали го раскажува нападот што му се случил во Охрид.

„Бев во ресторан каде што беше мојата девојка. Дојдоа двајца-тројца и почнаа да ме напаѓаат дека сум Бугарин. Само со зборови. Зошто се нареков Бугарин, дека сум предавник. И такви работи“, вели тој.

Потоа, вели Пендиков, излегол од ресторанот за да му се јави на претседателот на клубот, Томе Блажевски, за да му каже што се случило. Напаѓачите, додава, излегле по него и му го зеле телефонот.

„Влези внатре и биди смирен за да нема проблеми“, ми рекоа.

Кога влегол внатре, продолжува, видел дека не бил добредојден во ресторанот.

„Ја зедов јакната и излегов надвор. Одев сам до паркингот да си ја земам колата и да си одам дома. И таму се случи сè“, рече Пендиков.

Според него, тепачката траела најмалку 10 минути и додаде дека имало тројца напаѓачи.

„За жал, во Северна Македонија е нормално да те тепаат, пцујат, пукаат затоа што си Бугарин. Полицијата не треба ништо да прави“, вели секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.

„За да бидеш македонски Бугарин, само треба да се реализираш. Во Македонија учиме изменета, лажна историја во која Бугарите се фашисти, Татари. Откако ја прочитав светската историја, откако прочитав за ВМРО и што е историја, сфатив“, коментира тој.

Пендиков вели дека претходно не сакал ниту една од соседните земји.

„Нè научија таква приказна дека само Србите ни се браќа и сите други сакаат нешто лошо да ѝ се случи на Македонија“, вели тој.

Веќе неколку дена Пендиков има деноноќна полициска заштита. Добива слики од оружје и закани дека луѓето ќе дојдат во Бугарија.

„Мајка ми постојано добива закани. Ѝ пишуваат коментари дека ќе ја убијат, дека сме предавници, дека треба да се иселиме од Македонија, дека не сме за таму. Сонувам дека еден ден ќе можам да се вратам во Македонија, да можам безбедно да кажам дека сум Бугарин и дека никој ништо нема да ми направи – не само мене. На сите нам кои живееме во Македонија и сме македонски Бугари“, – нагласува Пендиков.

Пендиков, како што најави в. д. министерот за надворешни работи на земјата Николај Милков, во најбрз можен рок ќе добие бугарско државјанство. Освен тоа, бугарското МНР на Пендиков ќе му обезбеди и стан во кој ќе биде привремено сместен додека е во Бугарија, а според најавите, можно е да добие и свое лично обезбедување зашто, како што изјави шефот на бугарската дипломатија, Пендиков стравувал за својот живот доколку се врати во Северна Македонија.