
Овој викенд сите патишта водат кон Струмица – настап на Мизар, Синтезис, Меморија, Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд за 35 години независност
Струмица викендов е центар на музички спектакл, како дел од манифестацијата „35 години независност на Македонија“ која започна на 2 август – Илинден во Битола, а завршува на 8 септември во Скопје, во организација на Авалон и Владата на С Македонија.

Легендарни имиња, в сабота, 15 август, тоа се трите легендарни македонски бендови Мизар, Синтезис и Меморија , а в недела, 16 август – светските диџеи, Пол ван дајк и Пол Оукенфолд, меѓу највлијателните во историјата на електронската музика. Двата настани се од отворен карактер и со слободен влез.
Легендарните македонски бендови ќе настапат во Градски парк, од 20 часот, а в недела, светските диџеи ќе настапат во истата сатница, на истото место.
Мизар е култна македонска рок-група основана во Скопје во 1981 година. Тие се пионери на дарквејв и готик-рок звукот на овие простори. За Македонија, тие се симбол на културна самодоверба, уметничка авангарда и уникатно спојување на македонскиот јазик со византиски црковни пеења.

Германскиот диџеј Paul van Dyk е еден од најуспешните и најпочитувани диџеи и продуценти на сите времиња, пионер на транс жанрот, добитник на бројни меѓународни признанија и артист кој повеќе од три децении е меѓу најзначајните имиња што ја обликуваа и сеʼ уште ја обликуваат светската електронска музичка сцена.

Британскиот диџеј Paul Oakenfold, пак, е еден од пионерите на транс музиката заслужен за нејзината глобална популаризација, благодарение на неговите соработки со имиња како Madonna, U2, The Rolling Stones, Michael Jackson, The Cure и многу други!