
Во скопскиот Кривичен суд денеска се одржаа завршните зборови за случајот „Талир 2“. На нив обвинителот Љубомир Лапе побара обвинетите во случајот – поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата – Кирил Божиновски да бидат прогласени за виновни, а седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да биде одземено.
„Обвинетите пристапиле кон преземање низа дејствија сето во насока да политичката партија противправно се стекне со имот- ново партиско седиште и со противправна имотна корист- финансиски средства, а спротивно на законските ограничувања“ рече Лапе.
Тој истакна дека обвинетите Груевски и Божиновски партијата ВМРО-ДПМНЕ ја третирале како било кој трговски субјект.
Обвинителот посочи дека според исказите од сведоците, двајцата обвинети ја дефинирале содржината на јавниот оглас, а не партиските органи. Со објавата на јавниот оглас, според него, е оставен простор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и стекнување на сопственост на имот, кој согласно закон политичката партија не ни можела да го стекне.
Груевски и Божиновски се товарат за злоупотреба на службената положба, бидејќи овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедувањето на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
Обвинетите спротивно на законските прописи, според обвинението, прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.