Обама: Индикативно дека подморницата е вест на денот, а не 700 удавени мигранти

Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Барак Обама, медиумското известување за потонувањето на подморницата Титан го спореди со веста за стотиците мигранти кои се удавија откако нивниот брод се превртел во Средоземното Море.

Во интервју за Си-Ен-Ен, Обама зборуваше за, како што рече, „економскиот аспект на демократијата“ на кој мора да се обрне внимание, а како проблем ја наведе „срамната нееднаквост“.

– Во моментов имаме 24-часовно медиумско покривање на подморницата која трагично се загуби на дното на морето. Во исто време, имавме 700 мртви луѓе на брегот на Грција, мигранти кои очигледно некој ги прокриумчарил. И беше во вестите, но не беше толку доминантно – рече Обама.

Поранешниот американски претседател смета дека тоа покажува колку различни луѓе имаат различни шанси во животот.

– Многу е тешко да се одржи демократијата кога имаш огромна концентрација на богатство – рече тој.