
Дурмиши: Ќе ги провериме цените на 600 до 700 производи од кошничката – ако има превисоки маржи, ќе реагираме
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека неделава ќе се одржи состанок со производителите и дистрибутерите за можностите за намалување на цените на основните прехранбени производи, по минатонеделните разговори со трговците.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека неделава ќе се одржи состанок со производителите и дистрибутерите за можностите за намалување на цените на основните прехранбени производи, по минатонеделните разговори со трговците.
Тој информираше дека Пазарниот инспекторат спроведува детална анализа на 74 групи, односно околу 600 до 700 производи од потрошувачката кошничка, при што ќе се следат цените низ целиот синџир – од производителот до трговецот. Извештајот се очекува да биде готов за околу еден месец.
Според Дурмиши, анализата треба да покаже дали има неоправдано високи маржи и каде е потребна интервенција. Тој посочи дека кај производите за кои претходно беа ограничени маржите не се забележани значителни поскапувања без економска оправданост.
Министерот нагласи дека Владата ќе продолжи да соработува со институциите, стопанските комори, производителите и трговците, а доколку биде потребно, повторно ќе ги искористи законските механизми за заштита на животниот стандард на граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи е негов личен приоритет. Тој најави темелна анализа на околу 600 до 700 производи, со цел да се утврди каде има простор за дополнително намалување на цените.
Мицкоски потсети дека по средбата со најголемите трговски синџири е поставена цел годишната инфлација кај основните прехранбени производи во јули да биде под 3 проценти, а најави и разговори со производителите и дистрибутерите за постигнување на таа цел.