
Солзи, љубовни стихови и ѕвездено небо за Владо Јаневски пред арената „Борис Трајковски“ – Фановите се простија од омилениот пејач
Зарем постои некој што не се заљубувал со песните на Владо, што не си го лекувал скршеното срце со неговите стихови, што не играл и скокал кога ќе слушнел некоја негова песна во диско? Големиот шармер си замина, но неговата музика ќе живее вечно - тоа го покажаа и вечерва сите негови фанови.
Зарем постои некој што не се заљубувал со песните на Владо, што не си го лекувал скршеното срце со неговите стихови, што не играл и скокал кога ќе слушнел некоја негова песна во диско? Големиот шармер си замина, но неговата музика ќе живее вечно – тоа го покажаа и вечерва сите негови фанови.

Со минута молк и неговите најубави песни (а такви беа сите што ги испеа), фановите на Владо Јаневски вечерва се простуваат од својот омилен пејач.

Тука беа и голем дел од неговите колеги и пријатели – Силви и Влатко Плевнеш, Слаткар, Антониа Гиговска и Роберт Спасенцовски, Лара Иванова, Пајак, Валентино Скендеровски, Стево Чепишевски, Стефан Филиповски, но и Ѓорѓе Давид.

Сите тие дојдоа да запалат свеќа и да му оддадат последна почит на чаирскиот романтичар.
Владо, кој почина викендов, зад себе остави вистинско музичко богатство, па затоа многумина го нарекуваа „најголемиот македонски поет на 21-иот век“.
Неговиот глас, песните што допираа во срце, направија оваа вечер да биде и полна со болка.

Нашата тага што Владо си замина прерано од овој свет е голема, но секоја нова песна што ја слушавме ни измамуваше насмевки.

Си помислив – зарем постои некој што не се заљубувал со песните на Владо, што не си го лекувал скршеното срце со неговите стихови, што не играл и скокал кога ќе слушнел некоја негова песна во диско?
Големиот шармер си замина, но неговата музика ќе живее вечно.
Доказ за тоа беа стотиците грла кои вечерва пееја во еден глас, кои му направија ѕвездено небо, кои испишаа пораки посветени на Владо.

Пред арената „Борис Трајковски“ сите заедно тагувавме по омилениот пејач, но го славевме и неговиот живот, неговите песни.
Солзите се измешаа со љубовните стихови, како последно збогум за Владо од публиката која го обожаваше.
Текстот и фотографиите се преземени од црнобело