
Никшиќко позориште со „Татко“ вечер на големата сцена во МНТ
На големата сцена во МНТ вечерва во 20:00 часот ќе гостува претставата „Татко“, работена според текст од францускиот писател Флоријан Зелер, во режија на Наташа Поплавска, а во продукција на Никшиќко позориште.
На големата сцена во МНТ вечерва во 20:00 часот ќе гостува претставата „Татко“, работена според текст од францускиот писател Флоријан Зелер, во режија на Наташа Поплавска, а во продукција на Никшиќко позориште.
Пред скопската публика ќе настапат актерите Владан Гајовиќ, Ања Дрљевиќ, Никола Васиљевиќ, Маја Стојановиќ, Јован Кривокапиќ и Андреа Драшковиќ. Сценографијата е на Весна Сушиќ, костимографијата и изборот на музиката се на Наташа Поплавска, а дизајнот, фотографијата се на Емил Петров.
„Татко“ на авторот Зелер е драма за губењето на идентитетот, времето и стварноста и е едно од неговите најпознати дела со освоени престижни награди. По истиот текст е снимен и актуелниот филм, кој освои „оскар“.

-Преку приказната за Андреа, човек кој постепено тоне во деменција, сакам да ѝ го доближам на публиката внатрешниот свет во кој се бришат границите меѓу реалното и имагинарното. Сцената станува простор на сеќавања, стравови и илузии, во кој заедно со главниот јунак минуваме низ дезориентација и нестабилност. Оваа интимна семејна драма прераснува во универзална приказна за човечката кршливост и љубовта – вели режисерката на претставата Наташа Поплавска.
Во средиштето на претставата, додава, е односот меѓу таткото и ќерката, Андреа и Ана. Нивната љубов и блискост се испреплетуваат со недоразбирања, болка и чувство на немоќ. Ана, иако водена од љубов и одговорност, носи огромен товар на грижа, вина и исцрпеност. Преку неа гледаме како болеста на еден член од семејството станува искушение за сите, разорувајќи ги односите и силата, но и откривајќи ги длабочините на човечката поврзаност.
-Темата деменција денес е повеќе од актуелна, тоа не е само медицински и општествен, туку и длабоко личен предизвик што нè засега сите нас, било преку искуства во сопственото семејство, било преку пошироко разбирање на староста и немоќта. Токму затоа оваа претстава има потенцијал да поттикне разговор и емпатија. Заедно со ансамблот на Никшиќкото позориште се зафативме со овој сложен и емоционално силен материјал. Имавме инспиративен процес и уживавме во работата на вакво значајно дело од светската современа драматургија какво што е Зелеровиот „Татко“. Нашата претстава ги надминува локалните рамки и комуницира со публиката на универзално ниво. Верувам дека „Татко“ ќе остане како едно од оние театарски искуства кои долго се паметат и во сеќавањето на ансамблот и во срцата на гледачите – порачува Поплавска.