Нема ниту еден ден поминато како правник во суд – СКРМ со реакција за уставната судијка Татјана Васиќ-Бозаџиева

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) преку објава на Фејсбук ја доведе во прашање професионалната биографија на уставната судијка Татјана Васиќ-Бозаџиева, која е судија известител во иницијативата поднесена од адвокатот Томислав Стефковски за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура.

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) преку објава на Фејсбук ја доведе во прашање професионалната биографија на уставната судијка Татјана Васиќ-Бозаџиева, која е судија известител во иницијативата поднесена од адвокатот Томислав Стефковски за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура.

Денешната реакција на СКРМ доаѓа откако вчера Уставниот суд констатираше неуставност и донесе одлука за укинување на членот 78-љ од Законот за култура и на Колективниот договор за културата во целина, со одложено правно дејство што ќе стапи во сила од 1 април 2027 година.

Во објавата, СКРМ посочува дека Васиќ-Бозаџиева во текот на кариерата работела во повеќе државни институции, меѓу кои Министерството за финансии, Министерството за правда, Агенцијата за катастар на недвижности, Државниот завод за ревизија и Министерството за здравство, но, како што наведува синдикатот, нема работно искуство како правник во суд.

Тие велат дека Васиќ-Бозаџиева дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а магистерскиот труд го одбранила пред назначувањето за уставен судија. Во професионалната кариера била ангажирана во области поврзани со јавните набавки, реформата на јавната администрација, катастарските работи, ревизијата, здравствените политики и правното законодавство.

За дел од професионалните ангажмани на кои била Васиќ-Бозаџиева, од СКРМ велат дека имало негативни забелешки, особено за реформите во јавната администрација, како и на мерките и политиките за справување со пандемијата на Ковид-19 додека таа била член на Националната техничка работна група за вакцинација и учествувала во изготвувањето на Националниот план за вакцинација.

СКРМ во објавата осврнувајќи се на професионална биографија на Васиќ-Бозаџиева, вели дека таа не поминала ниту еден ден на работа како правник во суд.

Инаку, согласно одлуката на Судот, што беше донесена на вчерашната седница, во периодот од безмалку пет месеци до влегувањето во сила на укинувањето, Министерството за култура, синдикатите и останатите партнери во социјалниот дијалог ќе треба да усогласат и да склучат нов, законски издржан колективен договор, додека Собранието ќе треба да ги донесе соодветните измени и дополнувања на Законот за култура.

Суштинската забелешка на уставните судии е дека ниту во Колективниот договор, кој се применува од 2020 година, ниту во Законот за култура, кој досега претрпе бројни измени, не е утврдена методологија за пресметка на платите. Според ставот на Судот, таа методологија мора да биде поставена како законска основа во самиот Закон за култура, а потоа да се доразработи и продлабочи во колективен договор.

По седницата, судијката известител во предметот, Татјана Васиќ-Бозаџиева, на прес-конференција посочи дека законодавецот мора да интервенира во укинатиот дел од Законот за култура за да воспостави јасен модел за утврдување на платите.Таа појасни дека е неопходна систематизација на сите работни места и нивно поврзување со степен на сложеност и коефициенти директно во Законот за култура, наместо актуелното решение во членот 78-љ.

Во пресрет на одлучувањето на Уставниот суд за Колективниот договор за култура, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) вчера одржа протест пред зградата на Судот со симболичен перформанс на „погреб“ на правдата, посмртен марш изведен од блех-оркестар, палење свеќи и транспаренти со натписи „Правда“ и „Права“.

Синдикатот на културата со симболичен „погреб“ на правдата протестираше пред Уставниот суд

Од Синдикатот изразуваат сомнеж дека одлуката била однапред позната, наведувајќи дека и покрај два писмени дописи испратени во мај и во октомври годинава, сè уште не добиле ниту покана ниту одговор од Судот за учество на седницата, иако СКРМ е еден од директните потписници на договорот.