На лов, планина и на свадба случајно се сликал со функционери на ДУИ, Абази се дообјаснува за фотографиите

Ловот, планинрењето и свадбите во Зајас, случајно го ставиле новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал во ист кадар со функционери на ДУИ. Вака Абази ги објаснува фотографиите кои излегоа во јавноста по неговиот избор.

„Во периоди на викенди, одмори, излегувам и планинарам. Хоби ми е ловот и планинарењето. Во тие делови јас сум се сретнал со луѓе и сум се поздравил. Да се качиш на еден врв, тоа е еден врв во Република Северна Македонија, е радост и се практикуваат слики да го обележиш тој настан за искачување на врв. Тука сме се нашле ние случајно. Мојата мајка потекнува од Гостивар и си имале познанство. Се сретнавме тука и ништо повеќе од тоа. Во однос на другите фотографии, како што кажав, потекнуваме од Зајас. Зајас е село и се случува заедно да бидеме поканети со многу луѓе на иста свадба или настан. Во тие средби никогаш не зборуваме ниту за предмети ниту за политика“, изјави Абази.

Тврди дека не му е проблем да ги гони тие што ги сретнува за време на своето хоби. На кои предмети треба  да посвети внимание му посочила неговата претходничка Вилма Русковска со која го испи првото кафе во новата канцеларија. Во џентлменски стил ѝ подари букет и ѝ го придржа столчето да седне.

Абази седна во моќната обвинителска фотелја, откако даде заклетва пред Советот на јавните обвинители.

Најави дека ќе биде транспарентен. Не се појавувал во јавност во кампањата за да ја заштити приватноста на семејството, но тоа веднаш го сменил по изборот. Искуството како виш обвинител кој вршел надзор над основните обвинителства смета дека е доволно, за да го менаџира обивнителството одговорно да ја предводи битката со организирнаиот криминал.

Абази најави дека уште денеска ќе се сретне со колегите за да му кажат до каде се предметите и со какви потешкотии се соочуваат при работата.