Над 500 гледачи го проследија филмот „Скејбордингот не е за девојчиња“ во Кочани

Филмот „Скејбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума предизвика интерес кај кочанската публика, со повеќе од 500 продадени влезници на трите проекции во кино-салата на Центарот за култура „Бели мугри“.

Филмот „Скејбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума предизвика интерес кај кочанската публика, со повеќе од 500 продадени влезници на трите проекции во кино-салата на Центарот за култура „Бели мугри“.

Првата проекција се одржа на 9 октомври, а денеска филмот беше прикажан уште двапати, во дневни термини наменети за средношколците. На двете денешни проекции присуствуваше и режисерката Дина Дума, која меѓу прикажувањата разговараше со дел од публиката и го сподели искуството од создавањето на филмот.

Дума откри дека идејата за филмот се родила кога на кејот на Вардар во Скопје забележала девојка која возела скејтборд облечена во шалвари, традиционална ромска облека.

– Од тој момент почнав да размислувам за создавање на филмот. Пишувањето на сценариото, изборот на актерите, снимањето, постпродукцијата траеше цели пет години. Можам да кажам дека имаше многу импровизација. Некои од актерките воопшто не го имаа прочитано сценариото, раскажа режисерката Дина Дума.

Во разговорот со публиката, таа го доближи и процесот на создавање филм, од почетната идеја до реализацијата на големото платно. За коректната соработка, Дина Дума доби благодарница од Центарот за култура „Бели мугри“.

„Скејбордингот не е за девојчиња“ е филмско остварување на продукцијата „Сестри и брат Митевски“. Станува збор за семејна драма што ја следи приказната за три генерации жени и нивното соочување со судирот меѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела.

Филмот ја имаше светската премиера во јуни годинава на престижниот фестивал „Трибека“ во Њујорк, каде што ја освои наградата „Нора Ефрон“.