Жените во Македонија добиваат знаење и поддршка за аплицирање на европски проекти

Од 9 до 12 октомври во хотелот „Манастир“ во Берово се одржа првата обука на ментори во рамки на проектот ELeVATE, поврзана со меѓусекторска работилница за пристап до европско финансирање.

Од 9 до 12 октомври во хотелот „Манастир“ во Берово се одржа првата обука на ментори во рамки на проектот ELeVATE, поврзана со меѓусекторска работилница за пристап до европско финансирање.

Настанот, во организација на ЕМКИЦЕ КИЦ – ACRID Network, беше посветен на поддршка на девојките и жените во зелените технологии и на јакнење на капацитетите на организациите за развој на заеднички проекти.

Работилницата „ELeVATE – EU Funding and Women in Net-Zero Technologies“ ги поврза образованието, менторството и практичната подготовка на проектни предлози. Во фокусот беа можностите жените и девојките да стекнат релевантни стручни вештини, да добијат поддршка за професионален развој и поактивно да се вклучат во секторите поврзани со зелената транзиција.

Програмата опфати стручни презентации, размена на искуства и групна работа. Учесниците развиваа сопствени проектни концепти, планови за реализација и основни буџетски рамки, поврзувајќи ги потребите на своите институции и организации со можностите што ги нудат програмите на Европската Унија.

Сесиите за европско финансирање и подготовка на проектни апликации ги водеше Илија Вучков, извршен директор на ЕМКИЦЕ КИЦ и ACRID Network. Преку практични примери, учесниците работеа на избор на соодветен повик, разбирање на критериумите за подобност, воспоставување партнерства, дефинирање цели и работни пакети, подготовка на буџет и запознавање со критериумите за оценување на проектните предлози.

Посебен акцент беше ставен на поврзувањето на различни сектори. Соработката меѓу образовните институции, локалната самоуправа, компаниите и јавните установи отвора можности за проекти што одговараат на конкретни потреби на заедницата, од развој на вештини и енергетска ефикасност до иновации и подобрување на јавните услуги.

На работилницата учествуваа претставници на Економскиот факултет и Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, општините Градско и Чучер-Сандево, ЈЗУ Специјализирана болница за геријатрија и палијативна нега „13 Ноември“-Скопје, компаниите „Микросам“ и „Think Think Marketing“, организациите „Интеракција Плус“ и „EAS Consultancy“, како и CESIT од Хрватска.

Според организаторите, вредноста на ваквите средби е во поврзувањето на знаењето со практичната примена: менторството да обезбеди поддршка за професионалниот развој на жените, а размената меѓу институциите и компаниите да прерасне во конкретни партнерства и проектни иницијативи.

Проектот ELeVATE го поддржува вклучувањето на девојките и жените во стручното образование и обука и во професионалните можности поврзани со технологиите за нето-нула емисии, со посебен фокус на паметните електрични системи во зградите Smart Electricity for Buildings (SEB).

Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на програмата „Еразмус+“.