
Бројот на загинати од силниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија се искачи на повеќе од 16.000 , додека спасувачки тимови се уште се во потрага по преживеани и заглавени под урнатините.
Официјални лица и медицински лица соопштија дека 12.873 лица загинале во Турција и 3.162 во Сирија од потресот од понеделникот од 7,8 степени по Рихтеровата скала, со што потврдениот вкупен број достигна 16.035.
Ниските температури ја продлабочија трагедијата за преживеаните од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, додека спасувачите се тркаа да спасат безброј луѓе кои се уште се заробени под урнатините.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера ги призна „недостатоците“ во одговорот на неговата влада на силниот земјотрес, кој е еден од најсмртоносните во овој век.