Алексеј Навални, рускиот опозиционер од затвор на Твитер објави како гледа на војната во Украина и ситуацијата во Русија. Претпоставките се дека тој му диктирал на својот адвокат затоа што нема пристап до интернет во затворот.
„Не можеме да бидеме кукавици кои се преправаат дека не ја гледаат агресивната војна на лудиот император. Ние – Русија сакаме да бидеме нација на мирот. За жал, малкумина можат да нè наречат сега така. Но, во најмала рака можеби нема да станеме нација на исплашени, замолчени луѓе. Кукавици кои се преправаат дека не ја забележуваат агресивната војна што ја води лудиот цар против Украина“ – напиша Навални.
Тој додаде дека „не може, не сака и оти нема да молчи и гледа како псевдоисториски настани од пред сто години се изговор Русите да убиваат Украинци, а тие бранејќи се, убиваат Руси“.
„Во 20-тите од 21 век гледаме вести за луѓе кои горат во тенкови и бомбардирани куќи. Ги гледаме на телевизија заканите за започнување нуклеарна војна. Јас сум од СССР. Таму сум роден. Главната фраза на СССР од моето детство беше „борба за мир“. Ги повикувам сите да излезат на улица и да се борат за мир“ – посочи Навални.