Москва повторно мета на напади со дронови, погодена зграда во центарот на градот

Рано утрово, беспилотно летало удрило во зграда во изградба во центарот на Москва, соопшти градоначалникот на главниот град на Русија Сергеј Собјанин, објави новинската агенција АФП.

Како што пренесува агенцијата, станува збор за шеста по ред ноќ како регионот на главниот град на Русија е цел на воздушни напади со беспилотни летала.

Градоначалникот на Москва на неговиот канал на Телеграм соопштил дека руската војска соборила уште две беспилотни летала над западниот дел на московскиот регион.

Силна експлозија рано утрово се слушнала во централниот кварт на Москва, кратко време откако биле прекинати сите летови на аеродромите во градот, објави руската новинска агенција РИА, пренесува Гардијан.

Инаку, како што се наведува централниот кварт е оддалечен околу пет километри од Кремљ, седиштето на руското претседателство.

„Силен звук се слушна околу 3 часот по московско време, а малку подоцна се издигна чад од зградата во истата област“ – пренесе РИА.

Новинската агенција објави видео на кое се гледа како голем облак бел чад се издига од местото каде што се слушнала експлозијата.

Руското министерство за одбрана соопштило дека дронот бил онеспособен од противвозушната одбрана преку електронски методи на војување, по што ја загубил контролата и удрил во зградата.

„Во текот на ноќта, силите за противвоздушна одбрана спречија уште еден обид на режимот во Киев да изврши терористички напад со три беспилотни летала врз градот Москва“ – соопштило Министерството за одбрана, додавајќи дека во нападот нема жртви.

Покрај нападот врз Москва, два беспилотни летала биле „уништени од системи за противвоздушна одбрана“ во московските области Можајск и Химки, се вели во соопштението.

Летовите на московските аеродроми утрово повторно биле времено суспендирани, а, како што јавуваат агенциите, режимот на сообраќај е повторно воспоставен неколку часа подоцна.