Мицкоски со ново предупредување до обвинителите, СДСМ бара оставка од државниот обвинител Савески

Премиерот Христијан Мицкоски и на празник не пропушти да му се обрати на обвинителската „фела“ и да им испрати предупредување дека е нетрпелив во однос на нивната работа. Го разбирам незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение од испораката на правдата, беше пораката што Мицкоски ја испрати од говорницата на Свечената академија по повод празникот на светите браќа Кирил и Методија, одржана во Охрид.

Премиерот Христијан Мицкоски и на празник не пропушти да му се обрати на обвинителската „фела“ и да им испрати предупредување дека е нетрпелив во однос на нивната работа. Го разбирам незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение од испораката на правдата, беше пораката што Мицкоски ја испрати од говорницата на Свечената академија по повод празникот на светите браќа Кирил и Методија, одржана во Охрид.

„Морам да признаам дека и јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу, многу подобро и со многу побрзи резултати. ​Немојте да мисли кој било од вас дека не ги слушам оние крици на луѓето кои се смеат на правдата, кои мислат за себе дека се непобедливи и дека ја измамиле правдата. Денес тие се најгласните критичари на власта и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда. ​Ним, и на оној дел од обвинителството кој сè почесто смислува изговори, им велам дека трпението е при крај и дека мора да стигне правдата. Без оглед на тоа какви изговори слушам, трпението е при крај и внимателно ја следиме вашата работа. Нема ни да премолчам кога мислам дека се греши, ниту кога мислат дека треба побрзо да се реагира, и кога фиоките на институциите се полнат со пријави и тужби за кои обвинителството треба да реагира побрзо. ​Затоа што не влегов во политиката за смислување изговори, туку за ставање ред, за постигнување правда и владеење на законите. Нема да отстапам од тоа да им дишеме во врат на оние кои се богатат и печалат на маката на народот“ потенцираше Мицкоски.

Ваквата реторика на премиерот, предизвика остра реакција од опозицијата. Во писменото соопштение што го испратија до медиумите, од СДСМ овој настап на Мицкоски го оценија како уште еден од серијата наредби и задачи до новиот државен обвинител, кого иронично го нарекоа Ненад „Ало“ Савевски.

„Ништо друго не прави ама затоа врти-сучи Мицкоски постојано му диктира задачи на јавниот обвинител Ненад Ало Савески. Како што му диктираше насоки по телефон, како што му делеше задачи со чувства од собраниската говорница, од телевизија, сега нова наредба од Мицкоски до Ало Савески. На празник. Трпението му било на крај, вели Мицкоски, во последната скандалозна нарачка. Има ли некого во земјата повеќе што не му е јасно дека судството и обвинителството во Македонија се под целосна контрола на Мицкоски и неговата организирана криминална група? Нема. Сите знаат. Затоа нема правда во Македонија, затоа нема реформи, затоа сме заглавени и со блокиран европски пат. Мицкоски не ги исполнува реформите затоа што не сака независно судство, не сака Европско јавно обвинителство. Тоа би значело правда и крај на заштитата на криминалците на власт односно одговорност од Мицкоски па се до последниот во неговата криминална организација. Откако Мицкоски си го избра на функцијата, ало Савески е цело време на линија со Мицкоски кој работи по неговите нарачки. Мицкоски дава наредби – Савески исполнува. После овие скандалозни изјави и признанија на Мицкоски, најмалку што може да направи Савески е да си даде оставка, уште денеска“, порачаа и побараа од СДСМ.

Оставката што ја побараа социјалдемократите за Савевски не е прва деновиве насочена кон претставниците на јавнообвинителскиот систем. Пред некој ден и власта побара првиот човек на ОЈО ГОКК Ислам Абази да си замине од функцијата затоа што негова колешка обвинителка Катерина Коларевиќ го затвори предметот за мазутот за ТЕЦ Неготино, што беше оценето како скандалозно во јавноста. Токму за овој предмет пред некој ден Мицкоски му телефонирал лично на обвинителот Савески и се интересирал за прекинот на постапката во овој случај.

Савески, во интервју за неделникот „Фокус“, пак вели дека случајот за „Мазутот во ТЕЦ Неготино“ не е завршен и дека сега на потег е Вишото јавно обвинителство, каде што оштетената компанија ЕСМ поднесе приговор на решението за запирање на истрага.

-Сакам да напоменам дека јавнообвинителските одлуки не се пресудена работа. Доколку произлезат нови докази и нови околности постапката може одново да почне. Тоа е единствениот легалистички начин да дојдеме до правдата и вистината.
Битно е да се истакне дека обвиненијата секогаш треба да бидат засновани врз основа на докази од кои тоа обвинение би се докажало пред судот надвор од разумно сомнение. Исто така, доколку во текот на кривичната постапка судот донесе ослободителна пресуда и таа стане правосилна тогаш тоа е пресудена работа (res judicata), вели републичкиот обвинител Ненад Савески.

Преземено од Фокус